а човекот не е камен

Од земја у земја, а човекот не е камен.
За неполна година да изгубиш тројца родители ќе те однаде па незнам колку да се правиш атик.
У тиа момент сфаќаш колку човекот е немоќен и небитен. Ќе заминиш и те нема. Другите шо остануваме тиа се тиа шо може да го памтат саканиот човек, да се сеќаваат на неговите зборови, да живеат по патот кој ти го покажале тие шо истотака, може и повеќе, те сакале, дури биле тука…
Да, ќе си викаме, он не гледа одозгора, нѐ пазе. Ама тоа е само тоа шо од него го имаме во нас, шо ни го оставил во подсвеста, во душата…
Пред неколку години за прв и единствен пат отидоме да го видиме селото каде е роден тато.
Патот никогаш не нѐ носел во Мрзен Ораовец, па така во мојот живот само еднаш сум бил таму.

Тато дали не сакаше, дали немаше време, дали не му текнувало да не однесе и да ни каже каде е роден, тоа никогаш веќе нема да го разбериме. Тоа и многу други работи шо не дојде ред да разберам, си заминаа од овој Свет заедно со него.
Во секој случај тоа единствено посетување на неговото родно село во тоа време ми побуди доста заинтересиранос и среќа.
Но сега, кога го “враќам филмот“ и ги гледам фотографиите од напуштеното и разурнато село уште повеќе создава празнина во мене.
Камења, еден куп камења од кој се гледа дека некогаш биле темел на една куќа. Куќа која здомила фамилии на мои предци. Сега е само куп камења.
Нема куќа. И Тато не е тука. И така.
Се испразни и друга куќа. Не е срушена. Ама…
Шо било? Шо ќе биде? Шо ќе остане?