Стремеж за ‚клик‘

И толку. После ова долго топло лето Господово 2018то, како од фиока го извадија зимото – СНЕГ. Човек несмее да се пожале и од есента која беше како од буквар, барем шо се однесува до жолто-златните, црвените лисја по дрвјето… прекрасно за сите, дар за фото ентузијастите. Ете последната неделина и со моторката направиме мала прошетка до висините каде сонцето успева да ја сузбие маглата. И покрај сите подготовки, уште важи наа старата: “мотоРи не се возат у месеци со Р!“ Ама како и секогаш, возењето до сонцето се исплаќа – колку толку да се собере позитивна енергија. Добро, одењето и враќањето у магла и облаци не е баш тоа шо моторџиската душа го преповеда, ама кога ќе те облеат сончевите зраци и ако е 5 степени – се осеќа задоволство.

Нормално, сеа сме спремни сос сите салтанати за секакво време и невреме, ама пак се радуваме на сонцето. Исто беше и пред 30 – 40 години кога како деца едвај чекаме да огрее с’нце и да ги извадиме моторчињата, па и среде зимо… Да и тогаш не а разбраме наа “мотоРи не се возат у месеци со Р!“. Тоа беше парола како на баба Зора (Бог да си а прости) така и на ГОООЛем дел на “искусни“ моторџии шо ги имаше Градот (Градот напишано со големо Г оти тогаш Кавадарци беше ГРАД!!!).
Тогаш, у тоа време почетокот на 80’тите од минатиот век, ниту за кацига знаеме (ма знаеме ама немаме) ниту пак за студ. Преданиата од постарите дека колената ќе си ги разболиш ако возиш на ладно престануваа со прашањето дали нив колената ги болат оти они НООГу мотори возеле? Па така се силеме во секој момент штом ќе начекаме с’нце, а ако не се праве “дим каа ќе издишиш“ тоа беше веќе салам топло 😉

Незнам, нетња не беше идеално времето за возење, а до сонцето да стигниш беа планирани едно 60 километри под и во маглата да се поминат – ама вредеше. Тиа 30-40 километри шо ги извозиме на сончево (ама не тивко и топло) си ја свршија работата. Направија да може да кажам дека оваа година најубаво го искористиме моторот и убавото време. А голем ПЛУС беше и тоа шо во такви услови, скоро и да нема сообраќај по патиштата…

А тоа, возењето на мотор ќе ми фале у зимото. Јас одамна не се рачунам у моторџии, тоа се друга врста на хомосапиенси, они возат, живеат, дишат за моторите и со моторите. Јас ги уживам моментите додека сум на моторот и збор да нема, тоа ме одмара ептен. Ама ноа, желбата, стремежот да имам шо ти знам каков мотор, одамна помина во желба и надеж да моторот шо го имам ме врати дома без проблеми по патиштата. А тука, у Швајцаријата, и шо ти знам јас каков мотор да имаш, пак важат сообраќајните закони. Ќе си возиш по 30, 40, или 50 по селата кои ги има еден куп и зад секоја кривина, а ако имаш среќа ќе начекаш некоја делница на која смеиш дури “стотка“ да се одпуштиш. Автопатиштата не ги играам.
И така јас со моето сакано моторче од марката BMW си се тркалам по Швајцаријата и на секое место шо ме интересира си застанувам, си медитирам, а ако имам мерак и слико (фотографија) ќе направам.

Фотографијата сега ќе ме “теши“ у виа тмурни, ладни денови. Ете денеска испратив едно 50 фотографии, шо по конкурси, шо во фотолабараторија. Уште сум од ниа шо фотографијата на хартија ја признават.
Прво, пред некоја недела помислив да одделам некоја фотографија за оваа намена, ама некако немав ни мерак ни желба, мислејќи дека ваа година секако е “посна“. Да возев еден куп километри, ама на тиа возења скоро и да не фотографирав, возењата беа толку погодени шо не ми се застануваше насекаде каде ќе забележев забележителен мотив.

И така денеска “листајќи“ по архивот (на компјутерот) гледам – ОП! може да се каже плодна година и од страна на фотографијата. Не дека тоа е којзнае шо успех, ниту награди, ниту пари од тоа има, АМА  –  ЗАДОВОЛСТВО!!!
И мислата, ако треба изложба, за една недела е спремана.
Ама изложба нема да има (оваа година). А и генерално, на мисли сум и зимото ќе се работе на концепт на малку поинакови изложби.
Како шо со времето не научиме кои се новите возачи по мото трките, како што веќе не нѐ интересира кој е најновиот модел на секој произведувач на мотори, така и фотографијата, некако се нема мерак за “класични“ изложби, а се повеќе се јавува и страв од влечење на кутии со рамки од фотографии во сите големини и тежини.

п.с. како секој возрастен човек и јас ги користам социјалните мрежи да си се фалам. Па така доста фотографии завршуват на некоја си ЊЊЊ адреса.
На некои од тиа портали има можност да ти ги пофалат или искудат твоите дела (да искуде некој нешто поретко, оти ни сме ептен увиѓајна нација).
Тиа пофалби колку се убави и пријатни толку се и депресивни кога ќе видиш дека другиот има повеќе “лајкови“. Јас заклучив дека тоа не е мерило (бројот на лајковите) за задоволството. Јас приметив дека САМО ЕДЕН лајк, од  вистински приател ми праве стопати повеќе задовослтво одколку 100 лајкови на другите…