347

21ви Век.
Швајцарија.
Голдау.
Пошта.
17:45.
После којзнае колку време влегувам во ВИСТИНСКА пошта да платам неколку рачуни, оти во “вршителите на должност“ поштите по разните селски продавници не можело да се платат рачуни со пари! Само со кредитни картички!!!
Нејси.
Значи влегувам во поштата неколку минути пред да затворат. Во чекалната само еден човек кој исполнува нешто на масата лево. Десно три шалтери на кои три службенички работат нешто. Така одлучно ги вадам белешките од џебот и се упатувам право на средниот шалтер. Тетката шо работе тука ми покажува да одам лево. Гут. Одама лево кај другата службеничка, и ги подавам “здиплените“ белешки од џебот и спремените пари под стаклото на шалтерот. Она ги зима белешките и почнува да ги “пегла“ за да може да ги пуште у машината.
Во тој момент нешто “пиип“ и на бројчаникот над шалтерот бројката “0“ станува 346. Инстиктивно се завртуваш да ја видиш ситуацијата и на средина од чекалната еден оклештен тип со насмевка до уши и со гордост во говорот изјавува дека он ја има бројката 346.
Службеничката од таа страна на шалтерот ме погледнува и ми вика:
“Вие немате бројче“
нормално одговарам: “не, јас немам бројче“
“ама нели знаете дека треба да имате бројче?!?!?“
“не, незнам“
“вие треба да си земите бројче“
поучно, накај прекорно ми кажува и ми ги враќа белешките.
Си ги земам белешките и парите од шалтерот, се враќам четири чекори назад и гледам како гордиот со бројче пристапува до шалтерот предава еден коверт и заминува. Се “средувам“ од доживеаната ситуација, размислувам неколку секунди, одам уште четири чекори назад, стискам на “волшебното“ копче и добивам ливче со бројот 347. Над шалтерот во кој тетката чека, светнува 347.
Скроз радосен и соопштувам на тетката дека јас го имам бројот 347. И ги подавам веќе “испегланите“ белешки, ги зема, ги става во машината за печатење, ги заверува, ги зима парите, ми враќа кусур и ме испраќа со зборовите: “и да знаете за во иднина, вас ви треба бројче“.
Ох, грехче, си мислам јас. Нашите животни патишта нема веќе никогаш да се вкрстат, ни под број …

Зошто бе, зошто сум толку носталгичар? Зошто ми фалат времињата кога поштенските работници те знаеа по име и презиме.
Кога пријатно ќе те пречекат и уште попријатно ќе те испратат, па и со колку проблеми да им дојдиш?
ДА, ми фалат времињата кога беа “уклучени“ мозоците, а не електронските помагала…