Пресноварица

И ПАК или И ОПЕТ или schon wieder или ancora una volta …
Врти го и сучи го како сакаш, пак ќе дојдиме на наа старата. Како секој Пат. Како на секое патување.
Имаше една земја, наша земја. Имаше деца у таа земја, меѓу кои и јас, кои не знаеме како беше исправно да се каже името на таа земја. Беше ли федеративна република, беше ли народна република, беше ли социјалистичка република? Ама беше Македонија. Тиа деца се радуваа на цистерната кога летно време приквечер ќе помине по улицата и ќе ги натопе угорените коцки. Рипаме и скокаме на тротоарот и се надеваме дека чичко Боро ќе биде расположен и ќе го пуште млазот на “највисоко“ и нас да не освеже. После тоа се играеше д’га магарица или бишка. Понекоаш и у тесни на стадионот. Информации за околината и светот собираме од постарите, Бранко коцкица, Политикин забавник, Другарче и то… Од таму знаеме дека у Италија или Трст има најубави фармерки и дека у Охрид имало 365 цркви. Беме “поносни“ на црквите у Охрид, на Крали Марко (не пивото!) и на тоа шо го имаме најубавото гројзе на цел Свет и околината, а за ракијата секако дека и нема рамна никаде.
Италија. Во година на Короната и заверите околу неа или па не. Од Швајцарија легално, без ограничувања може да се оде тука, во Италија. Па ајде. Не ни е првпат. А за Патување во Народната Социјалистичка Федеративна Поранешна Југословенска Република Северна Македонија не се осудуваме бидејќи едно патување од 10 дена ќе те коштат после недели, месеци или недај Боже година.
Нејси.
И така после 16 години ОПЕТ у Пескиера дел Гарда. Ваа пата без децата и со ниет за одмор без посета на забавните паркови. Хотелот пристоен, местото идеално сѐ како шо треба. Ама повторно ти треба некој ден (ноќ) дури се навикниш на друга перница. И дури си се навикнал ајде назад – куќи!

Вториот ден од одморот времето ич не сакаше да ни овозможи летен одмор, па ајде накај Верона, пола саат од хотелот е. Посетиме Гоцевата тераса… НЕ БЕ! Терасата на која демек чемреела Јулија дури виа Ромео и се удварал, а после поминаме и до куќата на Ромеовци. Одејќи по тиа улици, човек газе нова калдрма и поминува покрај стари куќи, цркви, “монополи“ … Ќе седниш у некое од безбројните кафениња ќе апниш од светски познатиот сладолед и це напииш од преценетата “грапа“.
За сладоледот, немам зборови. Стварно е добар. Сега они сите го “продават“ како рецепет од баба, од дедо, ама човек не треба да биде ногу интелегентен за да виде дека тоа е убава индустрија која испорачува тони на сладолед во сите вкусови (од крставица не сретнаме!). АМААА, во секој случај е далеку повкусен од сето тоа шо се продава како сладолед југоисточно од Трст.
За “грапата“. Ракија исдестилирана од комињето и со вкус на згрешена пресноварица, е тоа е чист (дестилиран) пример како со добар маркетинг сѐ може да му се продаде на хомосапиенсот. Не пробав од најефтините грапи, ама не и од најскапите, ама виа во средниот ценски предел … у Кавадарци со такво нешто ни џамовите не се миат!
И така, последното патување до и низ Италија ќе го паметиме по “маските“ кои штитат од корона и други уроци, по скапите паркинг места и по цените кои за разлика од пред година – две за 20 – 30 % се појачани.
И ДА.
По повторното и поновното уривање на уште едно делче од детскиот светол Свет. Одново ќе те тратат одземја фактите дека дури сме се гордееле со 365 цркви у Охрид и најубавата ракија у Светот, човеците не само шо направили ногуповеќе и ногу поубаво туку РАБОТЕЛЕ на продавање на пресноварица како култен пијалок и оделе, оделе, оделе напред без Тито и за сите….