Си лафе ...

... Гордан Ристовски

««« HOME (дома)

» 2007
» 2008

» 2009-02
» 2009-01

» 2009/18
» 2009/17
» 2009/16

» јас за Кавадарци...

kavadarci.info

makedonium.ch

www.makedonium.eu

SKF

 

 

  • 2009-03

2009/20
Светски прваци!

1990 достасав во Швајцарија. Нов, убав, среден свет околу мене. Малку побогато и почисто од колку во Македонија, но со не голема разлика во стандартот! Тука имаше (и има пари ако работиш од утро до вечер), а во Македонија па се живееше и со тоа малку што го имавме - “првокласно“.
Многу нови и поинакви работи сретнував и учев во (СН).
Во тоа време, почетокот на 90-тите од минатиот век, во Швајцарија беа повеќе форсирани зимските спортови, тука имаа и успех. На национално ниво спорт број 1 беше хокејот (на мраз). На секој натпревар салите беа полни, од 4000 до 13000 гледачи што по коло околу 30000 до 40000 гледачи значеше. Фудбал??? па сите лиги и сите натпревари да ги собереше човек ќе не можеше да изброи повеќе од 5000 гледачи. Но на некој му текнало дека фудбалот може да биде најмасовен и најпосетен спорт, па почнаа, со швајцарска темелност да го “развиваат“ фудбалот. Долгорочна стратегија на федерално ниво. Фудбалот денес стана спорт број 1. Со 50000 гледачи на натпреварите само на супер лигата (првата лига) по коло. Не само што се форсира во клубовите на првата лига туку се работи на сите полиња во сите лиги, со план, програма и визија.
15.11.2009 Швајцарија светски првак во фудбал. Добро де, на светското првенство за младинци до 17 години - ама светски прваци.
Јас како лаик, помалку го следев спортот во Швајцарија во последниве дваесетина години и секогаш се чудев и се чудам кога некој функционер ќе каже дека успех од тој спорт највероватно ќе имаат за 7 до 8 години. Кога човек малку ќе размисли тоа значи дека две-три генерации нема да осетат ништо од планираниот успех. Ама тие генерации ќе бидат темел за некоја успешна генерација која ќе се докаже и на светско ниво.
И тука во Швајцарија најдобрите фудбалери се најдобрите фудбалери. Тука најдобрите фудблаери не се најдобри фудбалери зошто се дете на тато, вујче, чичо...
Тука во Швајцарија викаат: “Што брзо настанува - кратко трае“. Таа мисла и ако не во прв план ги води низ животот, секојдневно се сретнува, кога човек ќе слушне како Министерството за сообраќај работи на сообраќајниот концептот за после 2030-та година, кога ќе слушнеш како се работи на план за некое си првенство во 2016-та, а дека за следната година секој термин на спортски, културен, и секаков вид настан веќе точно со датум и саат уште сега се знае - тоа е најнормално.
Но тука ни еден организатор не е конфротиран со тоа која партија ќе биде од година на власт - директорот на фестивалот е директор на фестивалот, возачот на ратракот нема да го сменат па и шест пати да се смени власта, он ќе ја гази стазата за да секоја година биде како што треба - па и подобра оди ќе ги исправи забелешките што предходната година ги добил. Секој го работи тоа што го умее затоа што го умее и не затоа што е од нашите или другите.
Еве како “нарачано“, во сепарацијата влегува камионче на кое пишува “ЛАНДИС“ (името на фирмата) а над името со мали букви “250 години:“!!!!
Во Македонија настануваат многу нови работи, се отвараат нови фирми, нови “бизниси“ и во 99% од случаевите со цел да се збогатиме веднаш и сега. Секој што сака да направи нешто со кое ќе го одгледа семејството, а потоа и неговите деца своите семејства да ги издржуваат или е не “рентабилно“ или ќе го “изеде“ некоја партија во изборните игри.
Македонија. Програма “во сто чекори“!!! дали има јунак да каже до кој чекор стигнаме во нашето лутање низ епохата???
И додека едните сакаат да направат уште некој чекор - ете го другиот “што го знае патот“ (и тоа после неколку разни мандати владеење, сега наеднаш го знае патот) а кој пат до пред некоја година го “криеше“ од нас...

ноември 2009


2009/19

“Времето лекува сé“... рекле некои.
И стварно е така. Еве например да овие редови ги пишував пред две недели немаше да бидат овака напишани.
А и одамна не сум напишал нешто овде. Не дека нема што човек да каже, ама понекогаш е подобро некои работи и да не ги кажиме.
Како што погоре спомнав, можеби сега поубаво ќе се “изразам“.
Септември 2009, интензивно ги привршуваме подготовките за изложбата “Поглед преку границата“ која се одржува во Цирих. Уште по пожртвувано се залагам да изложбата ја направиме на ниво, бидејќи оваа година “гостин“ ни беше Македонија. И ја направивме. Изложбата на Јужнословенскиот Културен форум во Цирих беше, како што доликува, безпрекорно организирана и спроведена. На изложбата и се радував уште лани кога почнавме да ја спремаме. Многубројните посетители беа награда за нашиот труд.
Е тоа “многубројните“ ми револтираше до пред некој ден ...
Како и за изложбата за патронатот на Македонското друштво «Св. Кирил и Методиј», така и оваа изложба очекував да дојдат многу Македонци, кои сосебе ќе донесат по некој пријател и ќе се пофалат со “Македонството“. Но за жал реалноста беше “малку поинаква“. За квалитетот на изложбата зборуваа и фактите што некои посетители доаѓаа и по неколку пати да уживаат во изложените фотографии или реакциите на Македонците кои и сами зачудени прашуваа: «Зар ова е во Македонија?!?!?» Да фотографиите изработени од луѓе кои фотокамерата ја користат не само да фотографиират на роденденските веселби или по некоја “слика“ од последниот одмор, изгледаат како оние од странските списанија. Чекав да дојдат многу Македонци, а дојдоа доста љубители на уметноста. До пред некој ден стварно ми беше чудно што немавме повеќе посета од Македонците, но со времето сфатив дека и така треба да биде. Па затоа веќе на никој не му се лутам што не дошол бидејќи, ете баш тогаш, “гости му дошле“.
Во последно време стварно помалку ме возбудуваат некои работи, како на пример, што сателитската програма на Македонската телевизија е “најжална“ на цел свет, што Кавадарци нема Интернет страна, што на лозарите никој не им го плаќа трудот, што “нај јакото школство во Европа“ (некои Македонци се во тоа убедени) и на крајот од октмври нема учебници за учениците, што некој ни ја крои капата која нација во иднина ќе бидеме, што никој од таканаречените политичари не се секира за народот или државата,....

Ама поминувачка нека има. Ете јас ја наполнив батеријата на фотокамерата, го испразнив чипот и сега може есента да дојде, па да направиме неколку фотографии. И од година, во октомври, со неколку вљубеници во фотографијата повторно се собериме и си направиме “убава средба“.

28.10.2009


2009/18

18ти пат оваа година пишувам на ова место.
18ти пат Македонија слави “независност“.

Пред да почнам да пишувам што “насрце ми леже“ да разјасниме нешто: Нема поголема катастрофа и нема поголема трагедија кога некој ќе изгубе некој од ближните - и никој со ништо неможе да ја надокнаде загубата.
Трагедијата која се случи на Охридското езеро нема човек што не го погоди. Некои што при тоа изгубија татко, мајка, брат, сестра, роднина, а некои како мене, што Охридското езеро ја изгуби “вечната идила“. Навикнати да таквите трагедии се случуваат илјадници километри далеку од нас и во светските мориња, уште еднаш повеќе природата ни покажа како ја казнува човечката непослушност. Ни сите Светци што демнеат над Охрид не успееја да ја спречат оваа предвидлива катастрофа.
Предвидлива? да, предвидлива. Секој што летоска ги виде презафатените пловила што пловат по Охридското езеро, кои наликуваа како камионите и возовите во Индија, се прашуваше како може една лотка толку многу луѓе да издрже. Дали е незнаењети или алчноста, времето ќе каже.
Така овој немил настан го засени и Тиквешкиот гроздобер и прославата по повод “полнолетството“ на Република Македонија.
Истиот викенд по патиштата низ Македонија погинаа и едно 5 - 6 учесници во сообраќајот, ама тие си се сами криви што тргнале по тие таканаречени патишта, со тие провизорни возила...
Одпосле сите сме попаметни и одпосле сите знаеме подобро...

  • бродови
  • чамци
  • неисправни трактори
  • неосветлени шпедитери
  • патишта изрешетани од дупки
  • лифтови кои само се користат а не се одржуваат
  • мостови кои мора да ја “трпат“ тежината на модерниот век
  • такси возила со возачи кои од пред еден месец имаат возачка
  • автобуси на кои шумари им ги поправаат кочниците
  • “нешто“ наречено железница
  • прехрамбени “индустрии“ по подрумите
  • ...

еден ден секој ќе дојде на ред да биде зборуван.
И некој сето тоа го знае ама никој ништо не превзима.

Заслепени од “целта“ да стигнеме во ЕУ и НАТО забораваме дека погледнеме околу нас и да видеме по што газиме и каде одиме...

И после 18 години “најнезависност“ водачите не сватија дека таа држава постои за да му служе на тој народ, а не да народот и служи на таа држава да она “отиде“ некаде. Место да си направиме држава по мерка и по потреба, некои упорно пробуваат да од Македонскиот народ направат народ што ќе одговара на некој си стандарти кои се измислени од некои си педофили и неверници.

“Знаењето е сила, знаењето е моќ “ пропагира Владата на Р. Македонија.
А дали незнае Владата дека има неколку невработени во Македонија,
а дали незнае Владата дека нема ниту една салам фабрика во Македонија,
а дали незнае Владата дека во Македонија ништо не се произведува, а и тоа што земјоделецот ќе го произведе “мафијашите“ ќе му го украдат.
Каде е знаењето?
Каде е моќта?
Каде е ...

п.с. дали некој знае до кој чекор дојдовме???

09.09.2009

 


 

2009/17

Пристојни ресторанти во кои може да добиете кавалитетни јадења, обновени цркви и споменици, средени пристапи до убави излетнички места, продавници во кои може да купите се и сешто, има, стварно има, и позитивни нешта во нашата Македонија. Насекаде се гради колку што се може, некаде плански, некаде индивидуално. Важно да се промени старото, неубавото лиц , она што ги потсеќа луѓето на некое не толку весело време. Копаат човеците, од века во овие предели се копало, копаат кои по нивите кои под нивите. Едни со надеж дека добро ќе го продадат произведеното, други со надеж дека ќе најдат некое со векови скриено богатство. И кај едните и кај другите има среќници кои успеваат во своите планови, а има и разочарани кои ветуваат дека веќе никогаш повеќе нема да работат залудно - или барем додека не им помине нервозата.
Република Македонија, како “старее“ така станува се повеќе земја на контрастите. Еве уште некој ден и Република Македонија ќе стане “полнолетна“, да поминаа 18 години од како Македонија стана најнезвисна и самостојна држвава.
Во неколку градови од Македонија сретнав питачи за кои не бев сигурен дали стварно неможат, незнаат или несакаат да работат или тоа го прават зошто е најдопридовната работа на светот. Од друга страна најлуксузни автомобили, моторни чамци и јахти по езерото, огромни салони кои нудат најразлични “најнови“ мобилни телефони (една од побитните работи во Македонија - да имаш најдобра мобиљка).
Факултети во секое место. Задолжително средно образование. Кампањи на Владата да децата учат, а родителите прават деца. Спртски сали за секое училиште или барем во секое село по една. Сето тоа со некоја надежд дека еден ден ќе се искористи - дека инжињерите и докторите ќе најдат работа во Македонија и дека ќе се има пари да изградените сали се одржуваат.
И кога политичарите својата енергија би ја усмериле во правец на планирање како да се подобре стопанството и економијата, а не во барање и укажување на грешките на “другите“, можеби и Македонија ќе стане држава во која, не само дланка полна луѓе, туку сите пристојно ќе живеат во оваа со векови стара држава.

Август 2009


2009/16

Како и секоја година, влечени од носталгијата и туркани од желбата да се побегне од секојдневието и од обврските, ги газиме со илјадници километри долгите патишта низ Европа и брзаме да стигниме во Макаедонија.
- Австрија, дожд, магли и температури од 6 - 9°C
- Маѓарска, малку потопло ама исто влажно, а одозгора и некоја бура
- Србија, дождливо но се потопло
и конечно влегуваме во Македонија. Утро околу 8 часот, 28°C, сонцето блеснало како за натпревар. Облаче никаде, колку што може око да виде. Се заборава уморот и напрегнатоста веќе ја нема, дома сме си. Душата се отвара, срцето чука слободно... бубрезите ја осетија - првата дупка на џадето кое беше означено како автопат. (ПАТОТ Е СТАР, АМА ГЛАНЦ НОВИ ДУПКИ ИМА)
Баталивме уживање во околината и со полна концентрација пробуваме да ги избегниме барем најголемите дупки. Некако ја избегнавме и првата полицијска контра на само неколку километри од границата. Ама втората не не промаши. По кратка дискусија дали по џадето кое беше означено како автопат, треба да се вози 120 или 80, и после кратка лекција од полицијска логика и една приказна за некој си погинат министар на тоа место, без никакви штети го продолжуваме слаломот во правец - дома. Притоа ситуацијата ме потсети како беше во Маѓарска пред едно 15 - 20 години, лоши патишта полицијаци зад ској жбун кои чекаат да некој им “подари“ 10-20 DEM.
Некако го поминаме најстарата делница од автопатот во Македонија (некој да ја смети Виа Игнација подобар пат ке биде). Возиме по еден од поновите автопатишта, Велес-Градско. Сиромашкиот и он изгледа дека е оставен сам на себе. Го напуштаме автопатот и возиме во правец Кавадарци. Кој мисле дека може Кавадарци да го најде - се заебал. Ако не го знаеш патот џабе ќе гледаш по патокази - НЕМА !!! Град од 30’000 жители не е никаде одбележан. А патот што да ви расправам. Некоја си политичка гарнитура набрзина пред изборите ги зарамниле нивите и асфалт одозгора - готово, пат имаме. Катостровфална состојба и на патот од Неготино - Радовиш. А пред некој месец шо беа собрани, политичари, попови, “газди“ - патот ќе се праве. И стварно се праве, ама на места каде и не беше толку лош во споредба со страната од кај Неготино. Да се надеваме дека ќе потраат еланот и парите па ќе се санира комплетната делница. Струмица - Ново Село, од кога го знам патот се си е ист. И може да се рече дека редко ќе се најде така добар пат. Ама тој пат го правел или Гоце Делчев или ЈНА.
Неколку денови низ патиштата низ Македонија и на човек ќе му се одмили возењето. Еднаш одев и до Скопје. Кавадарци - Скопје - Кавадарци, - 4,60 €. А на наплатните рампи се чека на ред. Каде одат тие купишта од пари?

Август 2009

 

 

 

© ristovski.ch 2009

 
 © Ristovski, 2007 - 2009 ristovski.ch@hotmail.com