Село горе, Рада се чешла…

Македонија горе, Балканот горе, море цел југ на Европа горе.
Ги гледам сликите, немоќта на човеците да се справат со огнената стихија, ги гледам трагедиите на многу семејства, и се мислам.
Мислам шо направија со јазовите и одводните канали кои ги чистат после секоја поплава? Во каква состојба се? Со колку ѓубре се повторно наполнети?

И повторно, преплавени со акции, молби, добротворни организации, донации… социјалните мрежи горат од нив.
А да, Благодарност, голема БЛАГОДАРНОСТ, шо повторно се сетивте на “дијаспората“!!!

И повторно изненадени, како секој прв снег шо ги изненадува и најспремните директори.

А бе Гого, нели рекоме нема да а “управуваме“ Македонија! А и не можиме! Квакнати у срцето на Европа, окружени ѓоа бубрек у лој, со годините а прифативме новата, другата реалност. Живееме у држава во која на свадба те канат година унапред, за роѓенден три месеци а за спонтана дружба со скара и кобаски барем месец … У држава у која ништо не е препуштено на случајот, шо се однесува на тоа шо е у човечката моќ.

Да, Швајцарија ова лето исто беше потрефена од временски непогоди. До душа од една – ВОДА. Или поточно речено дожд. Дожд во ненормални количини.
АМА, човеците т.е. одговорните во Швајцарската конфедерација учеле, учат и се спремат со години, од доживеаното, од виденото, од чуеното! И тука, во земја, во која противпожарните единици 95% се на доброволна база, функционираат подобро од 95% од војските во Светот.
И тука поплавите и невремето уништија по неколку делови од неколку села низ целата Швајцарија, ама штетите се санираат за 24 саати, тие што се од витално значење. За тоа шо некој запишал, а сите знаат шо им е работата. Тука само при сумњата дека се можни поплави во случај да дождот продолжи и температурите растат се изпразнија сите езера на минимум денови пред да се случи тоа сценарио. И да поплави, ама ни делче од поплавите од 2005. Ама од 2005 до денеска се анализирале работите и се спремале за такво нешто…

И така со години ги пратам швајцарците и нивната работа. Едно нема никогаш од нив да го научиме. Да си ја бркаме, работиме, нашата работа. Да не се мешаме и делиме совети од стилот “на татко ти ќе му кажуваш како се прават деца“. А тука секој си е мајстор во својот занает. Само полицајците и пожарникарите и офицерите во војската имаат друг занает пред тоа учено.

Човек уче додека е жив, паметниот уче од грешките, а мудриот од грешките на другите…
Во еволуцијата на ЧОВЕКОТ се промениле многу рзаботи. Додека во најраните епохи на човештвото се рачуна дека децата се осамоставувале со 4 години и биле спремни да преживеат сами, сега некако си ја запишавме границата од 18 години. Така и нашата мила Македонија, еве скоро 30 години никако да се осамостали.

“Убав ти е проектот, ама види со шо кадар располагаш!“, беше забелешката на Славе кога бев помлад и мислев дека со добар ангажман може да се направе НЕШТО за Македонија.
Така човек може само да се прашува, како може да се осамостале Македонија, со кој кадар???

Нејси.
Додека во “мојата чудесна земја“ ќе се водиме од:
“ќути, и по лошо има…“
и “поминувачка нека има…“ 
ќе чекаме да ни созрее државата и да се осамостале, 30 години се малку

И така Македонската сага ќе продолжува
снегот секогаш ќе не изненади,
пожари ќе се гасат со музејски експонати,
после секоја поплава ќе се чистат каналите,
ѓубрето ќе се фрла у шумата наместо на депонијата,
цената на смедеревката ќе ја договараме у септември,
школството ќе продолжи да ни биде експериментално,

И сето тоа додека не дојдат “другите“
И ПОСЛЕ.
Пак сѐ од поново…