Кило и пол среќа?

Јас во мојот полувековен живот не памтам да сум осетил земјотрес. Некако, или не сум ги осетил или сум ги преспал. А имало, ми кажуваа човеци дека имало. Исто така сите од нашето маало го видоа димот кога гореше “Стоковната куќа“ у Кавадарци. Јас не. И тоа го знам само од кажување. А знам, после одевме да ја гледаме изгорената “Стоковната куќа“. И ги памтам изгорените, испуканите спреови далеку од заградената и изгорена “Стоковната куќа“.
После ја направија уште по убава. По нова. “Стоковната куќа“, долу во подрумот, беше моето светилиште. Секоја прилика се одеше во стоковната куќа, во подрумот и ги плакнев очите на изложената техника. Во “Стоковната куќа“ имаше се што една техничка душа во тоа време го сакаше да биде нејзино…
За Новата година од Дедо Мраз секогаш си посакуваме ногу убави работи. Јас од Дедо Мраз (од каа разбрав кој е 🙂 ) си побарав леткум (лемилица). И ја добив, и ја имам уште.
Таа, “Стоковната куќа“ е и кривецот шо сум ја засакал техниката и перфектноста во техниката, во тоа време се продаваа таму само продукти кои го “поминале“ ЈУС-стандардот и за кој денеска во Поранешната Југословенска Република Северна Македонија може само да се мечтае…
На часевите по ОТО, во “Народната техника“, и најмногу од Тато се срамев ако некоја фотографија не биде остра ѓоа ваквоа! Стремежот да се направе “нај острата“ фотографија ме потикнуваше се повеќе да се интересирам за техниката и да ја барам нај добрата опрема (во тоа време сведена да се најде по добар филм и не ногу стар! 😉 )
Од кога се осамосталив и сам почнав да си ја купувам фото опремата секогаш почекував уште малку за да се купи шо подобра опрема. Се чекаше да се пособери повеќе пари или да на саканото делче му падне малку цената. И така дојде еден период кога на фото опремата со која шетаме на одморите со мојата фамилија, ќе ми подзавидеа и голем дел од професионалните фотографи.
И после “пораснав“. Како човекот расти, така му иде умот. Систематски полека полека комплетната фото опрема ја сменив на ниво на “амбициониран хоби фотограф“. Сфатив дека со години и со километри сум влечел непотребно “тежини“ со мене. Така да скоро десет години веќе немам објектив по тежок од 750 грамови. А на “моите прошетки“ со години носам само една камера со објективот што е на неа.

Од дамна веќе не се секирам за некоја фотографија, која на компјутерот ќе ја зголемам на 400 % и “откријам“ дека не е 100% остра!
Еве Новата година ни стои пред врати. И сите сакаме Дедо Мраз нешто да ни донесе 🙂 . Не знам шо пак ме поттикна да се изластам и да купам еден од “нај добрите, нај квалитетните, нај ….“ објектив од »CANON«. Дали цената, цената беше шо вика Пане: “да те страм да се запишиш“ или ноа шо тлее некаде во мене кое уште од времето “Стоковната куќа“ и кое ме тера да се восхитувам на убавата / перфектна техника….
Купив и сега времето ќе покаже, дали ќе се користи како што заслужуваат тие 1,5 килограми техника (иначе само така узпат, само објективот е по тежок од колку комбинациите со кои фотографирам на терен).