Дедо Мраз, Свети Никола, Николаус, Самиклаус, Вајнахтсман …
Не е лесен животот, и сфатлив, за еден човек кој е роден во Федеративна Народна Социјалистичка Поранешна Југословенска Република Северна Македонија.
Роден и израснат во најубавиот период на социјализмот. Научен на ред, респект и почит. Уживател на СИТЕ празници.
Да, празниците во тоа време, како дете, ги уживаме скроз. Ќе почнеше со Новата година, па Коледица, па Бадник, Св. Андониј, Св. Трипун, (знам треба да се напиши Св. Трифун) па ПРВИ МАЈ (со големи букви оти беше голем празник- дводневен), Ѓурѓовден, 25 Мај – денот на МЛАДОСТА!!!, Дуовден, Петровден, Илинден, Преображен (ногу битен, во некои региони во Македонија дури после него можеше да се продава грозје), ГРОЗДОБЕРОТ, 11 Октомври, 29 НОЕМВРИ (празник НАД празниците!!!), и пак Нова година… и така угу. И плус уште некој патронат, некој именден, некој роденден.
И тогаш се знаеше за секој празник кој шо работе, кој шо празнува. За Коледица се палеа оѓини, за Бадник се бараше паричката, за Св. Трипун се закопуваше паричката у лојзто. На 2-ри Мај, од кога на 1-ви ќе се исполнеа сите смотри, се одеше на уранак!!! На 25 мај пак претстави и песми по школите. На Дуовден и Петровден на слави по селата. Гроздоберот, оооо гроздоберот! ПРАЗНИК у Кавадарцито, од концерти до карневали па у најубавото време и трки со мотори по улиците со коцки 🙁 . За 11 Октомври па ние со моторките вОприлеп… На 29 Ноември покрај СЕТА пионерска гордост уживање у пресните џимиринки… За Новата година се радуваме на портокалите, мандаринките и чесињата од Дедо Мраз.
И помина тоа.
Од Социјалистичка Федеративна Република Југославија ни остана само Република Македонија, а Гого и тоа го напушти, замина во “Белиот Свет“!
Веќе неколку години практикувам кога некој ќе ме праша: “А вие од каде доаѓате, мислам потеклото од каде ви е?“ да одговорам: “Јас доаѓам од едно друго време!“
Така одговарам затоа што не знам, а и не можеш да објасниш како и тоа таму од каде што доаѓам, не е тоа што беше. Демократијата, самосталноста, економскиот напредок, европските вредности, и сето тоа шо се очекуваше и за што се “бореа“ извесни структури од Македонија направија “Бананен републик“ како од нај евтините холивудски акциски филмови (со ниа четвурицата: Жан Клод Ван Дам!).
А тука, тука во новата ми татковина пак некако други обичаи. Друг пристап кон празниците… А и Дедо Мраз немат. Сеа до душа они имат и Николаус и Самиклауз и Вајнахтсман ама јас уште не разбрав кој е кој и за шо е одговорен! Само имам слушнато дека еден од тиа е створен од страна на најголемата светцка фирма за преработка на шеќер – Кока Кола! И со помош на убава реклама и “вистински“ прикаски направија од него нај профитабилен соработник.
Времето околу Божиќ и Нова година ме бендисува оти има ногу ламбички и украси кои стварно си ја бркат убаво работата и зрачат топлина. Мене многу ме нервира шо ламбичките уште пред 29ти ноември ги закачуват и светнуват, ногу пред! И таман ќе помине “први први“ ги снемува уште побрзо од колку што долго пред тоа светеле.
Едно време пробаа и ноа “ХАУОЛОВИН“ ?!?!? да го истуркат, уметнат, ама не им успеа ногу, т.е. не можеа да го мобилизираат народот да купува такви непотребштини, па почна уште крајот на октомври да го продаваат Самиклаус или Николаус.
Да полека ама сигурно се губи “Новогодишната магија“. До душа, тука во мојата втора татковина, Новата година од никогаш не била славена како во мојата прва, бидејќи обртно пропорционално традиционално повеќе се слави Божиќ.
Е сега, од страна гледано, мојата прва татковина делува како по лојална за прифаќање на сѐ и сешто. Па така се слави се што може да се прифтаса, па ако треба за добрите односи со ирската заедница ќе го славиме и “ХАУОЛОВИН“ ?!?!? АМА за тоа ќе се укинат 29ти Ноември и 1ви Мај . За тоа што за тие празници никој ништо не ни подаваше. За тие празници бевме среќни и радосни и поносни шо сме дел на една убава дружина.
Сега не се доволни триаголните знаменца растегнати цик-цак над главните улици, ни разгледниците напишани на рака, не се седи пред телевизорот и се гледа вистински свечена и празнична програма на една од двете програми!!!
Си исчеститаме и Нова година и пријатни празници и еве веќе два денови полека ама сигурно сме во “Новата година“ која и покрај сите нај јаки желби и посакување не гази убаво и квалитетно како и претходната и таа пред претходната и како многу пред нив. На 3-ти јануари почнавме да работиме и нервозните соучесници во сообраќајот (кои за момент, неколку денови, помеѓу Божиќ и Новата година одмараа) повторно се помеѓу нас, најчесто зад мене.
Повторно се сите тука оние на кои Новата година не им донесе сознание како се вози на кружен тек, како се престројува од две во една лента, оние кои на семафорите упорно чекаат да светне зелено за да прекинат со барањето нешто на радиото и ја отпочнат постапката со стартување и подвижување на автомобилот.
НЕ. Дојде годината со број 2022, и ако нај нова, како што волкот го менува влакното ама вроденото не, така и човекот како нај интелигентно животно нема ногу работи да промени од една во друга бројка.
Единство шо ни донеси најновата или поточно речено шо ни “донесија“ е стравот да човечки си ја честиташ новата година и го гушнеш ближниот 🙁
И така брзо и сигурно почна НОВАТА година и заврши “времето на ламбички“ па вратени во “нормалниот“ живот и во реалноста повторно ќе чекаме нешто. Ќе чекаме да дојди некој празник, ќе чекаме да поминат дневните вести за тоа колку бројки денска имало, ќе чекаме да поминат препораките како треба да се живее за да бидеш нормален, ќе чекаме… да дојди Дедо Мраз, едниот и единствениот – и вистинскиот!