04.04.2022
Бележитен датум.
Датумот нанишанет уште пред неколку месеци како датум за регистрација на “новиот“ мотор. И дојди.
Четврти четврти дваесет и втора.
Гого како Гого, пет минути пред отворањето на заводот за сообраќај на кантон Швиц (Verkehrsamt Schwyz) пред вратата.
07:30 вратата се отвори. 07:30:15 Гого пред шалтерот. Љубезната службеничка која или е почетник во работата или уште е на обука ме поздрави:
– Добро утро, повелете, што можам да сторам за вас.
– Добро утро, овој моторцикл сакам да го регистрирам на мое име. (и ја давам сообраќајната од претходниот власник и ја покажувам личната карта)
– Ќе се регистрира на заеднички број со вашиот сегашен моторцикл?
– Да.
два три клика со глувчето, печат на старата сообраќајна дека е неважечка, споредување на бројките од старата и новата сообраќајна…
– Повелете (ми ја подава пресно испечатената сообраќајна) и ви посакувам пријатен ден.
– благодарам и исто на вас убав и пријатен ден.
Седнувам во автомобилот, саатот покажува 07:35:45, СЕГА моторциклот конечно е скроз мој!!! ДА за издавање на нова сообраќајна дозвола за возило во Швајцарската Конфедерација човек треба да планира 10 – 15 минути, а бидејќи немаше гужва пред шалтерот, беа потребни цели 3 (со зборови ТРИ) минути. Така во некоја еуфорија и со пресна сообраќајна и со бројката спремна, заминав директално накај работата, со ниет одма да се “испроба“ новата моторка. Ама сонцето кое изгреа после снежниот викенд само ја “истакна“ солта која светна во сета своја бела боја по на места замрзнатите патишта…
НИШТО, останува првото возење со “новиот“ мотор да се помести за некои по суви и по не агресивни времиња.
И така во сета таа еуфорија околу регистрацијата на моторот, испуштивме да одбележиме уште еден настан врзан со четврти четврти. На четврти четврти пред дваесет години почна моето фотографско патување во дигиталната фотографија.
На почетокот беше компактна дигитална камера Canon Powershot S40. Како што името кажува 🙂 со невероватни 4 мегапиксли. Да имаше во тоа време и со 5 или дури 6 мегапиксли ама тоа беа “професионални“ камери за кои секоја “мегапиксла“ се плаќаше со илјадарка – по швајцарски 😉
Тоа беше време кога исто така и интернетот почна да се користи масовно, па желбата и предизвикот да нашето секојдневие ги споделуваме со нашите блиски во далечната татковина беа доста големи.
Да, на почетокот, ова од после е приметено, сум фотографирал како и до тогаш. Значи за некоја случка 1 – 2 фотографии, за роденден или некоја слава 10 – 15 и на одмор или некоја прошетка 36 🙂
А и на самиот почеток, човек секако не може повеќе од 5 – 6 фотографии да направи. Со камерата добив батерија, полнач за батеријата и CF-card со ЦЕЛИ 8 MB !!! Секако дека одма беше набавена (за ногу пари ! ) CF картичка со 126 МВ ама тоа со фотографирањето во ограничени рамки траеше неколку години. Дури со набавката на првата EOS која искористи од тоа што до тогаш веќе имав повеќе CF картички, почна да се фотографира по дигитално, фотографирај па после ќе видиме шо ќе се користи… 🙂
Тука некаде во тие последни дваесет години, исчезна и она со фотографиите како физички присутни сеќавања на некои си времиња. Фотоалбумите намалија на скоро нула (со зборови нула). Фотографиите ако имаат среќа ќе бидат испечатени за некоја изложба или за некој ѕид. Можеби ќе имаат приоритет да си фанат место на календарот, ама најчесто висат некаде по воа шо се вика интернет. И НАЈГОЛЕМИОТ број чемрее на некој си харддиск и чека да и дојди времето, чека….
Заводот за статистика испадна со резултати кои говорат за некаде околу 170’000 фотографии во последните 20 години…
Иначе, фотографиите ги има по интернетот,
почнете од www.foto-gogo.ch и уживај те!