Кавадарци, од Ѓермански рид до Турските гробишта, тоа ни беше нас социјалната мрежа, место за размена на искуства и глупости. Сме знаеле со саати да лутаме по градот не оптеретени со тоа што нашите панично не барале под дрво и камен… секако дека ќе го ебиш ќотекот одпосле.
На еден од нашите извиднички походи, пред бутикот на “Нововерецот“ забележаме мотор со скопска регистрација. Беше “странски“, по голем од Јавите на Боро и братучедот Трајко ама по мал од Сузукито на Црвенот. Почнаме да се вртиме околу него и да го гледаме, па така го слушнаме и муабетот шо го правеа моторџијата со женската и газдата на бутикот. Овој му обеќаше дека бојата на скајот ќе биде иста со бојата на моторот и дека оделата ќе бидат ѓоа ваквоа!!! Дали ги соши и како испаднаа оделата на тиа скопјани, незнам. Ама знам дека тогаш, на мои 10 – 12 години, сфатив дека оделата за на мотор можат и да се шијат, а не само “готови“ да се купуваат, некаде у странство.
Покасно со набавката на мојот втор мотор MZ ETZ 250, се појави потреба и интерес за набавка на вистинска мото опрема. Тоа време се појавиа кациги NOLAN на кои визирот, не како на југословенските со копчиња на стискање, туку имаа некоја си механика шо можеше во повеќе позиции да ги оставиш. Таква нарачаме по чи Блажо Ганчев да ни донесе од Италија, нели таму ги прават де. И чи Блажо ни донесе кациги, добро не беа Нолан, ама убави AGV! исто со “убав“ визир и слушај, марка шо а користеше легендарниот Џакомо Агустини. Палто имав, тоа едно, зимско TOPER, панталони џинс, за по ладните времиња – квалитетни ѕиври. На едно од тиа мото-рилијата дОприлеп, “РЕЛИ 11ти ОКТОМВРИ“ не фана дожд и си дојдоме дома накиснати, далеку од тоа сега да правам епски раскази од стилот накиснати ѓоа глувци или до коски, ама мокри.
И тогаш од “искуство“ и со голема помош на мајка Љубица сошиме едни панталони за на дожд!!! Беа фармерки, кои од предната страна на ногавиците добија “појачување“ од најлон (од вреќа за собирање грозје) и џинс од стари фармерки / во денешно време тоа се нарекува “ламинат“.
Лето Господово 2022-ро, се подновиме за сезоната со “нов“ мотор (не е битно кој по ред). И на ново почнавме со опремување со опрема. “Старата, потврдена и легната опрема не дека не ме бендисува, ама не личе на нов мотор со “ретро“ џилетки 😉
Одлучив да не шијам јас одела сам 😊, (“нововерецот“ не знам дали шие уште и дали во општо е жив) туку да си купам од без крајниот избор на мото опрема во Швајцарската Конфедерација.
И почнав, прво да се најде палто. Критериумите лесно палто за сите временски прилики. Лесно е човек да обере кога има помеѓу две да одбира, АМА кога има стотици??? На секое ќе најдеш по една интересна функција и на секое ќе најдеш НЕШТО шо ти смета…
И купив, марка палто, за секое време и секоја прилика, не пропушта ни ветар ни дожд ама дозволува да телото “дише“ – ВРВ на денешната технологија.
Добро бе да а, само ја ли мочав по темните улички??? ЗОШТО воа со “телото да дише“ не функционира кај мене? ИЛИ другите човеци не се потат, никако?
Ајде дај друго палто, па трето… Второто беше со веќе спомнатата “ламинат“ техника направено, и ако од марка која ја сакам и обожавам повеќе се чуствував како да сум во кошула за мачење! Ајде треќото белки ќе се угоде, за тоа шо не го “фалат“ ногу ниту по пишаните ниту по електронските медиуми, тие шо пред секоја репортажа те обавестуваат кој ноќен крем да користиш или која паста заби те праве најнасмеан!
Јас во последните месеци додека барам опрема за на моторот, често се борам со мислите дали ЈАС сум нешто изрод или нешто со мене не е во ред или само јас имам мислење дека тоа они шо го пишат е ЛАГА? Не ми е јасно како во денешно време кога техниката и технологијата е толку напредна не можат да го направат тоа шо го рекламираат? Толку ли е тешко да сфатиш дека бројките кои ги земаат за големина на конфекцијата нека ги пишат како сакат – нема врска едно со друго. АМА БАРЕМ ако продаваш палто кое си го крстил во големина XXL направи ги и ракавите XXL
НИШТО, мојата борба за набавка на опрема која можам да ја користам продолжува, се надевам, дури ногу сакам да до следната сезона набавам баш тоа шо го сакам. А до тогаш, има доволно кафтани за комбинации, а и убави ѕиври имам!
Ќе најдам, па макар под дрво и под камен да го најдам. Само кога ѓе го најдам не знам кој да натепам. Палтенце бе, едно, без постави за топло и додатна “хидро мембрана“!!! Палтенце бе од еден дел шо ќе биде на тебе без да мислиш дека не смеиш да се звртиш на некоја страна оди СЕ ќе се измести. И од кое може раката да ја извадиш без да се препотиш, уште еднаш. А ИМА, сигурен сум дека има.