дваесет денарски фраери

При крајот на 20-от Век чаршијата беше сурова. Тогаш, кога јас ја шпартав. Сега не знам. Сега има “неки нови клинци“, јас прошетувам еднаш – двапати у годината,  а и времињата не се тиа шо беа.

У тоа време, кога јас почнав да шетам по чаршијата, живееме у зградите под Тиквеш. Нашколо одев у ‘ТХТ’.  Одев и у радиоаматерската секција во Народна Техника. Чат пат ќе пребегаме и во фото секцијата, а и кај Ташо со авиончињата одеме на муабет…
У тоа време, фраери беа ниа шо одат нашколу у Габерот или у Гоце Делчев, се у некој спортцки клуб у градот и живеат у “центарот“. Имаше, испаднаа и се убави човеци некои од нив. Ама имаше и “фраери на батерии“. Е тиа тогаш беа изгубени, а сега … Тиа таквите “чаршијари“ одеа обавезателно кај Гичо у “Дечките“ и имаа нивни сепареа у диското. Тиа таквите, чаршијари по замисла, уште у тоа време беа гребатори и експерти у висење у кафене без да истрошат пет пари.

Почеток на 21-ви Век. Чаршијата се “растегна“ до кружниот тек. Да сега тиа паметните ќе речат: кој? Македонијата веќе неколку децении се “наоѓа“ у некоја си транзиција и исчекување на подобро утре… На секо мое ново одење во родниот ми крај се погласни се криците како “тука нема живот“. Да во тие децении беше забележително дека колку и да се жалат, толку повеќе се по полни кафенињта. И да, си викаш и не е толку се црно каа шо лафат. Иначе кафиЧите, баровите и сличните угостителски објекти нема се да бидат п’ни.
АМА после ќе отвориш очите (и ушите) и ќе забележиш. Фраери на батерии уште има. Уште има висачи по кафенињта кои “како случајно поминувајќи по некоја работа“ имат нешто да кажат и од едно, ќе бидат сто и едно, од немам време се брзам ќе биде муабет со саати, а па не дај Боже ако некој се подаде да ги почасте некоја пијачка …

Од старата автобуска до кружниот тек, у наше време беше најубавиот пат да ги “издуваш“ возилата. Широка, прегледна, без човеци, па така секогаш предизвикуваше да завртиш повеќе на рачката 😉

Од кога таа улица постана дел од чаршијата и од кога постана паркинг на тиа некои нови фраери, старата чаршија замре, а ваа новата не доби душа.

Батериите од некогашни цинк-јаглеродни батерии преминаа преку алкани до литиум-јонски кои траат ногу повеќе и не “течат“ да ти го расипат транзисторот. А фраерите, ни на батерии сега се “дваесет денарски фраери“.

До пред некој ден незамисливото постана јаве! Од “неможноста“ да се одделат од своите возила фраерите паркираа пред секое кафене, дури таткото на градот не побара 20 ДЕН. Сега повторно на површина исплива г сета наша реалност. 20 ДЕН . Толку малку, а толку едноставно. Само да даде Господ воа да потрае повеќе одколку законот за непушење у затворени простории.