Стандарт

Март 2024. Значи и јануари и февруари поминаа. Поминаа, ама како? За мене лично беа некако никакви месеци. Условено од ситуацијата што после триесет и четири години останав без работа, т.е. се работеше на промена на работното место, дел од мојот спокоен живот беше нарушен. Барајќи се во работниот свет на ново, сите други активности беа сведени на минимум. И како да тоа беше малку, во тие “тешки времиња“ послушност, море се, откажа и верниот компјутер кој како најнов во “колекцијата“ имаше најмногу доверба и со тоа СИТЕ важни работи ми ги администрираше.

Први март 2024. Уште у темно одам на моето ново работно место, го почнувам вториот месец официјално. По патот кој безгрижно го газев дваесет и седум години се сетив дека е први во месецот, а традиционалниот “фотографски осврт“ за месец февруари кој оваа година дури и дваесет и девет денови има, не го направив. Нејси, со еден ден задоцнување почнувам со селекцијата на фотографиите. И шо ќе видам!?!?!? Само осум орднери (папки) во месец февруари со фотографии 🙁 А да трагедијата биде уште по голема во две папки по две три фотографии за документација.

Дали е зимата која како ретките до сега нема ни “з“ од зима, дали е појавата на “фотографии по нарачка“ т.е. “фотографии“ направени од “вештачката интелигенција“ или повторно е деморализацијата која како некоја менструација ми се враќа и фаќа на неколку години?

Веќе со години оттргнат од “класичните“ изложби на фотографија, како платформа за презентација го користам интернетот и неговите “социјални“ мрежи. И да, со годините ја доживеав трансформацијата на фотографијата од класичната аналогна во дигитална. А сега сме сведоци на создавање “нов свет“. Со имплементацијата на творбите од страна на “вештачката интелигенција“ кои ги нарекуваат фотографии уште еднаш повеќе се забегува од реалноста и уште една скала повеќе се “нормите“ прифатени од широката народна маса за убаво. Малку ни беа фотошопираните, ХДРираните, пресетованите и ефтино преработените дигитални фотографии, па сега се оди на создавање на “фотографии“ потполно по фантазијата на некои не доразвиени суштества…

ТИ-КА та беше во шишиња од 250 мл, пивото 500 мл, а Пелистерката кило. Млекото у канчињата исто кило. И така се си имаше некој ред. Пред некој ден купувам Кока Кола, тоа се случува два до три пати у годината, и после некој ден нешто душичката ми вика напиј се нешто благо 🙂 и ми текна, па имам Кока Кола дома. Земам едно шише Кока Кола од терасата отварам, ставам у чашата и нешто ногу ми се преполови. Го поразгледав шишето и шо ќе откријам: 900 мл !?!? Добро бе човеци, колку мизерно детство треба некој да има за да измисли амбалажа од 900 мл ? Ама така било. Го уклучувам мојот пријател “гоогле“ и шо ќе видиш, сето салата. Пакувањата на многу продукти “оптимизирани по потребите на консументите“!!! АМА светот забеган е од дамна. Јас уште не можам да ги прифатам форматите на “инштаграм & co“. Како дете на 135 милиметарски филм во мојата потсвест се врежани форматите 3:2 и 1:1 сето друго е за мене е или телевизија или филм.

Ништо. Ќе пог’тниме или ќе исплукаме, по некогаш и одиме напред! Со нови сили во нови работни победи. А сили ќе ми требат на новото работно место. Зошто после триесет и кусур години се повеќе го осетувам капитализмот во кој сум живеел и работел со години…