повик на дивината / дивјачки повик ?

6-ти јули. Пред некој ден префли денот на намалување, а и годината накај крајот. Останаа помалку денови одколку шо поминаа во оваа година. И “нормално“ на средина од годината се сумираат резултатите и се кажуе како сме поминале, до сега.

Баш средината на годината, таму први / втори јуни, а испуштиме, ама не е грешка и сега да си кажиме некој лаф-муабет. У последно време имаме проблеми да се концентрираме на датумот и денот. Обично други бројки се “поважни“, колку има, колку нови и шо ќе правиме…

Значи вака. Како прво стварно сум си горд на сам себе. Помина половина година и со тоа половина од мојот проект “50 мм“. Да, ќе се издрже и останатите 180 денови. Да, стварно си “ограничен“ кога фотографираш само со еден објектив и со една фокусна далечина, у мојот случај 50 мм, ама како и секогаш и сѐ у животот, секое нешто има две страни. Пак ќе кажам, со тоа шо се ограничив со една работа, “преработиа“ други работи. Некако пак се вратив на ноа суштинското во фотографијата, некако пофторно ја откривам фотографијата …

Годината ја почнав и со ниет и фацебукот да не го користам една година, ама тоа го издржав скоро еден месец или така нешто. И тоа испадна и не толку лошо. Затоа шо само после некој месец, од кај март/април скоро сите социјални дружби се прфлија на социјалните мрежи. Најопасната болест на цел Свет и на сите времиња почна да се шири и да ни го ограничува слободното ни постоење – скроз. И покрај тоа шо глумиме некое си секојдневие и нормала, ништо не е како пред појавата на “Ковид 19“. Покрај добро познатете симптоми на болеста, овој период донесе уште еден куп несакани ефекти. Во тие несакани ефекти е и чекањето. Чекањето да помине сето воа и да пофторно уклучиме на “нормално“. Повторно да се радуваме на секојдневните и малите нешта.

Почеток на месец Златец, лето Господово 2020-то. Летото почна како лето, топличко и сончево. И сѐ ќе беше каа шо треба да не беше воа короната у вид на Ковид19 …
Кинезите одамна а завршија или ја имат работата под контрола или не а лафат веќе. Ама тука, европејците, уште се лигавиме како да биде, шо да биде. Туку отварат граници, олабавуваат со вонредните мерки, па пак затвараат/ограничуваат граници, пак нови мерки… и така масажата почнуе одново.

Недела, рано наутро. Дочекаме еден ден на кој ќе може безгрижно и неплански да се извозиме со моторот. Сонцето само врвот на Риги го има осветлено. Чизмите облечени, батериите (за фотокамерата) п’ни. Толку рано одамна не сум тргнал со моторот. Се радував на празните патишта. И така и беше. Околу езерото, попат никој или  скоро никој. Повеќе рибари до езерото, имало човеци и порано одмене шо се издигале, у недела. Си се возам така јас покрај едно, па покрај друго езеро, поминувам неколку села и се радувам на мирисот на липите и свежината на воздухот… милина. После едно 20 км добив идеја да што побрзо стигнам до планинскиот превој Фурка. Па така, десен жмигавец и на автопатот следните 30км. Спокојот при вртењето на првите серпентини ми го расипуваа само “колегите“ со тркачки мотори. Секој со својата среќа и задоволство. Некои уживат да возат брзо, со колената на асфалтот во кривините, а други (како мене) уживат во мирното движење по патиштата и уживање и “цицање“ на природата…

И така кога стигнав на мојата прва поставена цел, утврдив дека ниту сум сам ниту прв. Безбројни автомобилисти, мотоциклисти, бициклисти, кампери, планинари, и уште шо не се движат и ги окупирале Алпските превои…

Да, ги нема кинезите по Луцерн и по Швајцаријата, ама исто така СИТЕ швајцарци се моментално у Швајцарија. И тоа е ногу. Сите тие шо беа тргнати по белиот Свет се сега во Швајцарија, на секаде, па и на планинските превои.

До пред 10, 5, море до пред две години, човек можеше да се извозе по Алпските превои на раат секое утро. Сега не. И така веќе третиот планински превој Сустен (после Фурка и Гримсел) е возење повеќе “под кумплунг“ и во прва – втора брзина, одколку вистинско движење по пат… Ама респект мора да се има. И спрема бициклистите кои те кочат на секоја кривина, и спрема камперите кои со камповите само мерат кое местенце може да ги “собере“ и да застанат, па не си сигурен во никој момент, кога ќе ударат “пуни леви“…

И така гледаш како некогаш моќните и пусти Алпски котлини и врвови од осамени сведоци, се претвараат во ѓубриште и мочало на човекот ускратен за патување.

Ќе морам со друга тактика да пристапам при следното возење… незнам како.

Некако сето воа не врзано изгледа, ама моментално сето околу нас делува неврзано…