Драга учителке

Слободен состав

6-то / г – одделение

Тема: “Како го поминав викендот“

 

Драга учителке.
Викендот го поминав многу убаво.
Не знам дали знаете, ама јас многу сакам да возам со мотоциклот низ природата. Така и минатиот викенд двапати направив возење. И двата денови возев во касните попладневни часови кога колку толку намалува сообраќајот. Во саботата возев во Централна Швајцарија и поминав покрај десет езера (поголемите вирови и маалските брани не ги рачунаме).

Во неделата извозив до Готард. Планинскиот превој кој ги спојува германскиот и италијанскиот дел на Швајцарија.
И двата денови уживав во Божјите убавини на овој Свет. Заклучокот ми беше, дека секаде на Светот има убавини. Ама некаде во Светот има човеци кои ги сакаат, ги чуваат и ги одржуваат убавините, а некаде, не.

На моите возења, драга учителке, некои од тие убавини ги овековечувам со мојата фото камера. Понекогаш дури испаѓаат и убави фотографии.
Понекогаш сакам само да уживам во убавините па и не фотографирам толку многу.

Трета моја опсесија, драга учителке, е и користењето на звучниот сигнал на возилото во тунел (да свирниш во тунел) ! На моите безбројни поминувања низ разни тунели, имам утврдено дека правоаголните тунели имаат подобра акустика од колку овалните, а и во двата видови подобро звучи кога се празни, нема многу возила.

Но вчера “си го најдов мајсторот“!
Имено, на патот накај дома поминував во неколку тунели. Во Флуеелертунел пред мене возеше Ламборџини Хурикан, со црна мат боја и децентен звук од издувните цевки (децентен звук, мислам дека би бил децентен кога би бил спореден со формула 1). И ако сите возевме во колона со околу 60 км/ч, не можев да се воздржам а да не стиснам на звучниот сигнал, сирената на мотоциклот, така од мерак. Но мојот звучен сигнал, возачот на Лаборџинито го прифати како предизвик. Па каа стисна тоа гаста, каа зовре машината, (за сонародниците од струмичкото говорно подрачје: каа ревнà), да после неколку секунди ја одземе гаста, па од така продорниот звук на десетцилиндрашот се претвори во пукање од издувните цевки!!! (изгледа платинките и беа залепени…)
Сите се чудеме како не испопаѓаа тоа ламбите од тунелот! – МЕАРЦИ!!!

Значи, драга учителке, поука од последното возење:
Пази каде и пред кого се курнезиш!!!