д’го четиво!!!

2020

Годината 2020, или со букви две илјади и дваесетта, почна како ногу пред неа. Со свечен дочек и желби за многу здравје и радости и пари и сѐ. Бидејќи јас у последно време на работите гледам ногу реалистички, јасно ми беше дека ваа 2020 ќе биде како илјада други години. Ќе си а тера по нејзино. А за здравјето, среќата, парите и убавите работи пак ние ќе мора да си бидиме одговорни.
Па така моите планови за 2020-то лето Господово ги курдисав уште на крајот од 2019-та. И приметив дека планови за 2020-та – НЕМАМ.

Па почнав да мислам како да си ја направам годината интересна!
И – ОП! Ми текна.
Бидејќи немав никакви приоритети, одлучив да ЦЕЛА година ја направам еден голем експеримент!
Бришејќи прашина у витрината со мојата фото колекција, у раците ми дојде “мојата“ прва фото камера – WERRA. До душа, таа камера е на тато, ама јас на нејзе ги учев првите чекори (повеќе допири) со фотографијата.
И гледам на нејзиниот објектив пишува Carl Zeiss Tessar 2.8 / 50mm
Ми текна колку “убави фотографии“ со неа имам направено…
И си викам, Гого ајде да се вратиме у убавото време. Една камера, еден објектив. Зошто тоа не би било можно и во оваа година со убава бројка, 2020.
А плус бројот 2, гледан некако во огледало е 5!
И така се роди идејата да цела година фотографирам само со еден објектив.

Проектот започна како „20-50“, но при развивањето на логото го зедов предлогот од реномираната компанија за дизајн “VIZART“ па така постана „Една година, еден објектив“.

Батеријата наполнета, мемориската картичка наново форматирана, објективот (50мм) монтиран и почнав.
ДА, за огнометот, десетина чекори назад не стигнуват, треба у другото село да одиш…
ДА, вазната не може да а “пресечиш“ ќе треба да се компонира друг кадар…
ДА, воа другарите наеднаш едри, не ги фаќа сликото, ќе станиш да сликаш од ходникот…

И така полека полека се вративме во суштината на фотографијата. Почнав пак само по неколку фотографии да правам, не цели серии. Почнав повторно да фотографиите ги “развивам“ во главата пред да кликнам. Почнав повторно да ги оценувам ситуациите дали би биле нешто што вреди да се забележи со фото камерата,  и со 50 мм !

Да, јас веќе неколку години “шетам“ по Светот со една камера и еден објектив. Времињата кога “туристички“ по тесните улички на средновековните градови, или по ридјето, со торби / ранци со по 20 – 30 килограми опрема шетав се одамна поминати. Во вакви случаи земав камерата, монтирав објективот кој мислев дека повеќе ќе ми “сврши работа“ и се друго остануваше дома или во колата или во хотелот.
АМА, ново настанатата ситуација стварно прерасна во предизвик. Една камера и еден објектив, ама 50мм без можност за зумирање или замена… интересно.
Убаво е тоа, шо опремата оваа година тежеше (во 98% од фотографирањето)  околу 1,5 килограми, камерата со објективот, резерва батерија, еден-два филтри и торбичката.

Уште во јануари месец и ако уште “ограничен“ и не уклучен во модусот за 50 мм испаднаа добри фотографии.  На фестивалот на светлината во Луцерн 1,4 на објективот бркаше убава работа и ако нема стабилизатор.
Да, знам, ноќе не се фотографира од рака, ама пуст понос! Уште се силиме дека “раката не ни се тресе“!!!

Како поминуваа времето и месеците се повеќе се навикнував на ситуацијата. Правев по некоја фотографија, а ногу работи ги оставав за другпат (т.е. за со друг објектив). Почетокот на годината 2020 беше исто така во знакот на најновиот грип, ни свински, ни птичји, туку убаво наречен “ковид 19“. На почетокот далеку од нас, во Кина, брзо дојди и не “блокира“, почнаа првите ограничувања – вонредни состојби.
Како и во секоја уметничка дејност во која се твори нешто, така и фотографијата бара слободен дух. Но во ограничени општества духот трпи прв. Се трудев да со моторот избегам од секојдневието и заборавиш на ограничувањата, ама некако одеше тешко. Па така се случуваше да на моите патувања направам ногу малку или ич фотографии.

 

Поминуваа првите месеци, скоро пола година. Веќе се навикнав на “опремата“ и на дадените ситуации. Тука – таму ќе го заштрафев филтерот да колку толку се направи нешто друго, ама и тоа почна да ме мрзи…. Добро беше.

Додека не стигнаме на Крк, Република Хрватска. Близината на запуштениот хотел Халудово, ме предизвика да направам серија.
И ДА!
Тука за првпат зажалив што само 50 мм објектив носам со себе!
Ама во стилот “колку и да погинеш, ќе гледаш да се спасиш!“, направив тоа што можеше.
Плус тоа е рачка да уште еднаш се оди таму 🙂  .

Е сега да си бидиме и искрени. Ова, една година со една камера и еден објектив, баш и не е скроз точно. Зошто јас користев две камери и два објектива. Стварно на Canon EOS 6D mk2  цела година беше  EF 50 f/1.4, ама на “втората“ камера  Canon EOS 80D беше EF 28 f/2.8 IS USM монтиран. Но камерата “ограничена“ со сензорот и покрај 28 мм објектив, “аналогно“ би дошла 45 мм, шо е поблиску од 35 мм објектив кој го имав и кој би направил 56 мм еквивалентно фокусно растојание … Сакав да набавам 32 мм објектив, но во таа класа нема објектив кој би одговарал “после тоа“ на двете камери и плус да има стабилизатор. Па така одлуката падна на овој 28 мм објектив кој во иднина може да се стави и на EOS 6D и да си биде тоа што е, 28 мм.

А тоа би била убава комбинација за следните шетања по уличките на некој белосветски град…
Како и да е, и двете камери го имаа тој луксуз да ниту еднаш не биде “отворена“ заради промена на објектив.

Во секој случај, искуството е прекрасно. Би му го препорачал на секој еден да го осети. Затоа што повторно се враќа чувството на немоќ. Ама се враќа и осетот за убавото.
Точно е, не во секоја ситуација можеш да се “изразиш“ или да го пренесиш тоа што сакаш, ама затоа Господ дал и “фотошоп“. Во оваа година направив и неколку панорами и пробав да направам и неколку фото композиции, ама не е тоа “мојот свет“. Ете ги има тие две три места кои следната година ќе ги посетам со 16-ка 🙂 , па да видиме дали фото композицијата или класичната фотографија е за “широка употреба“.

И да. Од 01.01. ќе ги сменам објективите. Ама не оти морам или од тоа шо ми досадија, туку заради тоа “шо можам“. И ќе се барам наново. Овој пат со тоа која комбинација би била “оптимална“! А тоа го нема. Кога би постоел “оптимален“ објектив !!!ЗНАЕШ ЛИ ТИ КОЛКУ ФАМИЛИИ ЌЕ ОСТАНАТ БЕЗ ЛЕБ БЕ?!?!??!!

А какви фотографии испаднаа, може еден ден ќе се одлучам и ќе направам избор па може и убава изложба 🙂 , ама тоа еден убав ден…
До тогаш ќе ги гледаме фотографиите со датум 2020 и ќе се потсетуваме дека тие се нешто специјално, барем за мене.