АпенЦЕЛ

Недела, празник, 24ти мај
го славиме делото на браќата ни Кирил и Методиј.
Пролетно утро, многу облачно, малку ладно. Чичковците и тетките шо гледат у облаци, викат дека убав ден ќе биде. Пред сѐ суво, нема да врне. Идеални услови за возење со моторката, плус узпат може една работичка да свршиме…

Превој Клаузен, еден од не ногу високите и не ногу “извикан“, ама мене еден од омилените. Прво оти е блиску, и второ оти е комплетен, убав, со кривини, провалии, стени, …  сѐ! Само штета, оваа зима не остави ногу снег, а на омилената ми клупа, ветер, ладен. Одмориме 10 – 15 минути и правец северно источна Швајцарија. Времето “комотно“ испланирано до една средба, време да се изшпарта  по Апенцел. Еден од најживописните предели во Швајцарија, Швајцарија како шо а знаеме од сликичките на чоколади, сирење и сѐ шо се поврзува со Швајцарската култура и традиција. Фотокамерата “наострена“, облаците како нарачани, очите отворени у сите правци.
И стварно, милина и убавина да возиш по ова парче Рај на земјата…
Следното целодневно возење сигурно ќе биде пак тука.

5G ?

Е сега за фотографиите. Ги нема ногу. Од една страна шо потполно и се предаваш на природата и ја цицаш таа убавина до максимум, а од друга страна шо сме веќе озбилно загазени у дваесет и први век!
Ридчиките ги има. Човеци со “излезна“ традиционална носија, ретко – ИЧ. А на сета идила уште повеќе сметат далеководите, антените за мобилните ни телефони, и пред сѐ огромните штали. Порано, тоа шо го имаме видено по чоколадата, се куќи на фармери со штала за 3 – 4 крави. Сега скоро на секоја меѓа мага штали. Кога ќе видиш објект од едно 10 000 , 20 000 м³ како некој тумор во природата, ти се одмилува фотографирањето…

Ама ние сме таа генерација шо треба да го свари тоа дека ништо не е како шо било и нема да биде. Технологијата која ние ја конзумираме и бараме си го праве своето, од една страна убаво е кога ќе стисниш на мобиЉката и ќе ти каже каде си и кој пат води за Мариово, ама од друга страна сето тоа бара струја, антени, објекти….