» Зборувај ми за времето вчера «

После короната не е ништо како шо беше. Со години беше за мене “вечерната мото тура“, еднаш-двапати у годината, после работата преку Клоентал и превојот Прагел дома да си дојдиш обавезнозадолжителна. Еден од нај живописните и не “контаминирани“ патни превои и ако не толку висок. Бидејќи не е некој важен патен правец, од века за викендите бил и е затворен за моторизиран сообраќај. Е сега, предпоследниот пат не измислена работа. Вторник, празник, јас слободен. Си викам ајде сега да го извозиме “еднаш контра“, од Муотатал за Гларус, а не како секогаш до сега од Гларус за Муотатал. Не беше интелегентна идеја. Да, одамна сакав во тој правец да возам за да не ми биде цело време сонцето во очи, ама за празник на Прагел, не е интересно. Истата идеја а имале стотици други учесници во сообраќајот, шо моторизирани, шо не.  Ништо, после неколку часовно “борење“ шо со сообраќајот, шо со градежните работи на патот (у другиот кантон не било празник) на неколку метри пред можното поминување, не вратија назад. Поради сообраќајна незгода патот затворен, на еден километар од раскрсницата која нуди два правци за излез од котлината. И така после неколку денови повторно истиот “подвиг“, преку Прагел и Клоентал од Муотатал за Гларус. Овој пат после работата 🙂 . Времето за разлика од предходното возење исто топло ама небото беше измешано шо со облаци шо со некои магловити појаси. Фотографија направив некоја, и за мене се прекрасни, но во денешната конкуренција на фотографии “појачани“ со “AI“ или “KI“ – шо на Македонски би му дошло “ВИ“ или во слободен превод “вештачка интелегенција“, остануваат не забележани. Ако, јас и такви си ги сакам.

А тоа шо вештачката интелегинција полека на ваквоата ми иде е друга прикаска. Преди ногу години, гледаме некои си “научно-фантастични“ филмови (уште не ми е јасно зошто ги крстиле научно-фантастични, дали стварно некој “израчунал“ како ќе биде за некоја година или фантазирале човеците на слободна тема па ако нешто се погоде, погоде) на VHS и на телевизор во боја. Имаше едни во кои компјутерите ја превземаат контролата над човештвото. Беше интересно ама никогаш не помислував дека НАС ќе ни се случи тоа. И еве, само 30 години подоцна, нема ни половина век, доживувам да морам да се “расправам“ со компјутери, или вештачка интелегенција. Не беше доволно шо на секое јавување во некоја фирма мораше со минути да стискаш бројките од еден до девет, за да евентуално добиеш потребниот човечки вработен во фирмата и прашаш или нарачаш тоа шо ти треба.

Денес се јавувам во мојата матична ми банка и ОП, ми се јавува “дигиталниот асистент“ !!!?!?!? ме прашува што ми треба за да ме поврзи со соодветниот советник. АЈДЕ кажувам во два збора. Ми објаснува дека “нашиот разговор“ ќе биде сниман “за обучувачки цели“?!?!? КОЈ КОГО ЌЕ ОБУЧАВА??? И после почна, да сум го кажал бројот на жиро рачунот и датумот на раѓање !!! и тука клемите ми направија курцшлус! Ти мене така, јас тебе вака. Нормално бројот на жирорачунот шо го изрецитирав можеби и постои, ама не е мој, а за датумот на раѓање ќе ми извини Никола Тесла. И СЕГА ми вика, финиот “дигиталнен асистент“: “зборувај две три реченици, зборувај ми за времето вчера, како би можел да направам твој личен “гласовен одпечаток“ за по лесна идентификација во иднина“. #§@!¥¢!₻₾!!! На ова место не би пишувал шо се му изнакажав на “дигиталниот асистент“. И така после неколку минутно “борење“ со “дигиталниот асистент“ допрев до вистински советник и ако со ѓермански акцент. Нашиот муабет:
– Добар ден,
– добар ден
– ми треба тоа и тоа,
– вашата адреса и датум на раѓање
– таа и таа, тогаш и тогаш
– благодариме, ќе ви ги доставиме документите по пошта
– благодарам пријатен ден
– и јас ви посакувам пријатен ден

И за тие 15 – 20 секунди муабет се борев со “дигиталниот асистент“ повеќе од 7 минути… ДА ЖИВЕЕ ДЕМОКРАТИЈАТА!!!

Денеска така револтиран од конкретната ситуација и плус неколку други мали ситници кои автоматически те дробат у машинеријата наречена “вештачка интелегенција“ ми се иде да фатам ујдурма и да не се вратам. Ме нервира, ме револтира и ми се иде да фанам да земам некое чифте и да почнам да се борам против “вештачка интелегенција“, ама ми текнува на господинот Дон Кихот и си легнувам на брашното, полека АМА сигурно.