Денеска смрдеше како да си во полски нужник, во лето.

Веќе неколку месеци работам на “ново“ работно место. Моето досегашно работно место, т.е. сепарацијата во која работев триесет и три години (со бројки 33 години) газдата ја продади.
Уште од првиот ден не се спријателив со новата работа. Некако не ми беше “по мерка“, а плус и од финансиска страна каа ме “утепа“ газдата, со само за него разбирливи аргументи, одењето на работа ми претставуваше тортура. Со времето малку ја навикнав и прифатив, ама мотивацијата, мотивацијата во форма на неколку стотици франкови швајцарски повеќе, она фале.

“СЕНН“ во Ноихајм, сепарација со најубавиот видиковец (до душа имаше трговски патници кои тврдеа дека една сепарација над Монтрое има по убав поглед , ама не е таа така, го видов јас тоа, има поглед САМО на Женевското езеро) беше секогаш предизвик да си таму, ако не за друго, да гледа човек како се менува времето над Цугерланд. Со годините, триесет и три, си створив едно катче во кое пријатно се осеќав и со погодностите кои ги уживав не беше толку битно дали пет или шест илјади у франкови швајцарски.

После триесет и кусур години, дојди момент кога Гого ја почуствува сета суровост на капитализмот, работа од толку до толку за толку пари. (точка). До душа и тука, на “новото“ работно место има убави човеци и пријатни моменти, АМА, “НЕМА ВТОРА ШАНСА ЗА ПРВ ВПЕЧАТОК!“. Сето воа тука, убавото, тоне во две “ситници“, подолгото работно време за НОГУ помалку пари. Ајде, работното време не е кој знае шо, пола саат повеќе на ден, (до душа со системот на работа од 35 до 40 минути повеќе секој ден на работното место) ќе го г’тнев тоа, АМА арогантноста на шефот/газдата во прашање за финансииска мотивација направи да проработе инатот во мене.

Поминаа неколку месеци работа, и неколку одмори, па грубо направениот рачун вика пристојно во “минус“. Собрав храброст и начекав прилика па повторно пробав да разговарам со газдата, “шефе, јас си го направив рачунот и во споредба со Ноихајм тука заработувам ногу по малкку…“ АКО НЕ ТИ ОДГОВАРА ОДИ СИ! Беа неговите суви и сурови зборови.
Уште истиот ден отказот беше напишан и испратен.

Реакцијата на газдата после неколку денови беше прашањето дали имам ново работно место или средствата од пензииското осигурување да ги депонира на жирорачун!!!

Разочарување. Потиштеност. Ма дури и гнев. Не не сум гневен на газдата. Гневен и разочаран сум од самиот себе. Како можев триесет и три години (со бројки 33 години) толку грешно мислење имам и да не приметам шо (не)човек од шеф е тоа. Незнам, а можеби и очекував дека ќе праша зошто сум дал отказ и дали може да се најде некое задоволувачко заедничко решение. Или после триесет и три години лојалност нема шо да лафиме??? Гневен сум на мене шо зборовите на еден мој стар колега и исто така долгогодишен РАБОТНИК во фирмата, Верни : “проклет рапеншпалтер¹ ни еден, тебе треба јајцата да ти се пресечат за да не правиш деца и до последниот рап да ти ги исцицат парите!“ зборови кои Верни во очи му ги кажа на нашиот шеф и кој јас не можев да ги сфатам. АМА Верни бил у право. Човек кој светот го гледа само преку призмата на накупченото богатство нема чист поглед на Светот…

 

И така помина неделава, го завршуваме месецот и чекам нов месец, првиот од трите под отказен рок. Незнам како ќе се организарм тиа денови, недели месеци. Во шо ќе барам мотивација и желба за работа? Чуството е чудно. Знаиш дека си не сакан у фирмата, желба за работа нула  и чекаш само да помине. Ајде од следниот месец со нови мотивации и нови цели во животот белки ќе се подигне општото расположение…

 

  • ¹, рапеншпалтер, цепачна рап. Човек шо води есап до последнот рап па и половина да е. Рап најмалата платежна монета во Швајцарија, 100 рапи = 1 франак. И ако се официјално платежно средство ги нема во оптицај (два пати во 30 години имам сретнато), 5 рапи се најмалата пара.

 

Новото работно место не ми пружа широк поглед и чист хоризонт. Фирмата сместена во Талкесел Швиц ( кесел = кофа или котел, значи во долина заградена од сите страни со ридје)  во индустријската зона, во која секое сабајле ни почнува, зависно од ветерот од која страна дува, со мирис на чоколадо од фабриката за скапоцени чоколади или со миризба од пречистителната станица на одпадните води на цела котлина…

  • Не можам да се сетам од кога се брое “ситно“ последниот месец или како беше…