Последниот час

Последниот час, петок. Обично седмиот и последен час во петок, бегаме. Академското чекање 15 минути не го знаеме, та не беме академци, средношколци беме. И петок се бегаше оти е петок, диско имаше вечерта. Треба да се спремиш за излевање… Чувството не беше никогаш пријатно, ама “движен“ од групната енергија,  ќе пог’тниш и ќе дојде понеделник.

Денеска пак така, истото чувство. Не би требело да шетам. АМА, пред некој ден мојот ми сакан мотоцикал беше бил во сервис за годишна контрола и сервис. На пат за дома ми дојде до израз нов “феномен“ кој го соопштив на сервисот. Фините луѓе од официјалниот BMW сервис ни збор не рекоа дека тоа не е можно или дека “тоа не е познато“ или дека “до сега такво нешто немало“, едноставно рекоа, дојди да видиме дали имаме некоја грешка направено или нешто не е собрано како шо треба. И ајде, денеска прилика, помеѓу двата дожда.
Добар ден / добар ден, јас сум заради тоа шо зборувавме, за RT-то. Ааа, ДА! Сега ќе го однесам во работилницата, напиј се кафе. Момето што работи на “рецепцијата“ ми направи кафе и со кафето во рака шетам по салонот каде беа изложени новите BMW мотоцикли. И ОП, два исти?!?!? BMW R 1300 GS trophy ?!?!? ЗОШТО два исти тука? Аааааа, едниот има “бројче“!!!!! На дечкото во салонот “срамежливо“ му се обратив, батка, абе воа моторчето има бројка, значи ли тоа дека може да се изврши пробно извозување??? Па да. Може да го пробате, ако имате возачка дозвола кај вас. ИМАМ!!! Му ја подавам возачката, почнува да пишува нешто на компјутерот и вика: а! вие сте во системот. Брату, јас одамна сум во системот, само незнам во кој. Потпиши тука. Потпишувам и дечкото ме спроведува до нај новото BMW, нај добриот мотоцикал во моментов на цел Свет и околината (барем ако ги читаме сите репортажи за него сега и во овој момент) и нај легендарниот мотоцикал уште пред да испаде на патиштата. И секако нај фалениот и величениот. Почна да ми ги објаснува бесконечните модуси и возни програми и можностите за лично прилагодување и програмирање… Батка, де ти, има ли воа моторче едно дугме за РЕСЕТ и да биде на стандарт фабрички подесувања, не планирам да одам за Шпанија или да се акнам по воа нивите зад село. Добро. Стисна “сдандарт“ “пат“ “нормал“ … и го стартуваше како што доликува – кеејлес!!! сај на дугме. Се качувам на моторот на кој пишува дека има поминато 384 км, стискам куплунгот, стапнувам прва брзина, тргнува, втора брзина, уште на плацот од сервисот стискам предна, стискам задна кочница, добро тука се, и исправам патот…

И тогаш сфаќаш дека виа чичковците шо го фалат по интернетот, на сите тестови, биле во право и има зошто. Уште од првиот допир моторот ти дава чувство на доверба. Како да си го возел со години и илјадници километри. Едноставно нешто перфектно (ако се ограничиме на моделот, мене ми сметаше шо ногу дува, ќе те утепа промаата 🙂  )

Се подружиме некоја минута, согазиме неколку километри и ајде пак на мојот сакан RT.

Да, новиот GS е можна опција за следна набавка, ама ќе треба да помине некоја година. Нов мотор не купувам. Нов мотор од прва година на производство никако. Значи ќе почекаме втора, оптимирана верзија, настаро….